Состојбата во Алепо е неизвесна
Состојбата во Алепо е сѐ уште неизвесна. Евакуацијата на населението беше прекината. Бунтовниците не го почитуваат договорот, велат неофицијални извори. Русија побара обединети акции од сите страни. Вашингтон предупреди, Алепо не смее да се претвори во Сребреница.

Сириската влада ја запре евакуацијата во источно Алепо, обвинувајќи ги бунтовниците за непочитување на договорот. Според Русија, која ја поддржува армијата на Претседателот Асад, завршена е операцијата за отстранување на бунтовниците. Претставник на сириската армија,пак, тврди дека евакуацијата е прекината привремено, но не е наведена причината. Во последните неколку дена, владините сили на Сирија и на Русија презедоа контрола врз речиси сите региони кои беа во рацете на џихадистите.
Официјална Москва очекува целосно запирање на огнот по ослободувањето на Алепо. Претседателот Путин повика на обединетост.
„Палмира падна поради неусогласените дејствија на меѓународната коалиција, сириската армија и Русија. Неколку пати сум кажал дека за да бидеме ефикасни во борбите со терористите, треба да ги обединиме напорите“, изјави Путин.
Американскиот државен секретар Џон Кери предупреди дека Алепо не смее да биде реприза на Сребреница, но не понуди стратегија за окончување на сирискиот конфликт.
„Последната работа што би сакал да ја види светот е уште една Сребреница. Најважно е да дејствуваме. Целиот свет мора да се обиде и да си ја одигра улогата, а меѓународната заедница и сите страни мора да продолжат со процесот“, нагласи Кери.
Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп повтори дека ќе воспостави безбедни зони во Сирија, кои ќе бидат делумно финансирани од заливските земји. Велика Британија вети помош од 20 милиони фунти, а ЕУ ќе ги употреби сите дипломатски канали за да се достават храна, вода и лекови на цивилите во Сирија. Досега од Алепо заминале над 8.000 луѓе. Според ООН, најмалку 50 илјади се заглавени во воената зона.
