Истече рокот за тужби до Управниот суд
Истече рокот за поднесување тужби до Управниот суд на решенијата од Државната изборна комисија по приговорите за нерегуларности во изборниот процес. Движењето БЕСА се откажа од можноста да тужи по 7-те одбиени приговори. Управниот суд има 48 часа да се произнесе по тужбите.

Со пробиен роковник заврши маратонот на Државната изборна комисија на која три дена се разгледуваа 14 приговори поднесени од БЕСА и Социјал- демократите. Се отвораше избирачки материјал, се повикуваа членови на избирачки одбори. Само еден приговор со мнозинство гласови прифатија членовите на ДИК за избирачко место во Гостивар. Таму ДИК го поништи гласањето.
Доцна во ноќта неколку минути по два часот на својата интернет страна ДИК ги објави решенијата по приговорите. Пет часа по објавувањето во електронска форма, односно од недела во 7 часот се смета дека партиите ги добиле решенијата. До понеделник во 7, тие имаа рок да поднесат тужба до Управниот суд доколку се незадоволни од одлуките на ДИК. Сега тежиштето се префрла во Управниот суд.
Право на тужба имаат сите партии кои биле на листите каде гласањето е поништено. Нивните тужби треба лично да ги достават до ДИК, а Комисијата до судот. Судот, пак, има рок од 48 часа по примањето на тужбите да одлучува по нив.
По тужбите Управниот суд одлучува во Совет од петмина судии избрани по пат на ждрепка, на јавна седница за која ја информира јавноста и овластените претставници по чии тужби се одлучува.
Објавените одлуки на веб-страната на ДИК, како што е наведено во роковникот на Комисијата, ќе го содржат и начинот на гласање на секој судија поединечно.
Миле Ристески
