Ниедна членка на ЕУ досега не побарала повторно воведување на визи!

04.02.2014 16:37

Досега ниедна членка на Европската унија (ЕУ) не побарала суспензија на безвизниот режим...

Досега ниедна членка на Европската унија (ЕУ) не побарала суспензија на безвизниот режим за Србија или за некоја друга земја од Западен Балкан, пренесува Танјуг. 

„Немаше разговори за покренување на заштитната клаузула, па дури ни најави дека тоа може да се направи", изјавил за Танјуг бриселски дипломат кој инсистирал на анонимност, коментирајќи ја изјавата на еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малстром, која во вторникот за српските медиуми изјави дека „некои земји веќе неформално разговарале" за заштитната клаузула, која предвидува можност за суспензија на безвизниот режим за земјите од кои доаѓаат лажните азиланти.
 
Изворите на Танјуг во Брисел тврдат дека покренувањето на овој механизам е малку веројатно, со оглед на тоа што земјите од Западен Балкан демонстрирале дека прават се што можат за да се намали приливот на лажните азиланти.

Според  Европската статистика, бројот на азилантите од земјите од Западен Балкан во 2013 година изнесувал 50 илјади, што претставува зголемување од околу 20 проценти во однос на 2012 година.