Зголемен бројот на болни деца
Ниските температури ги наполнија амбулантите. Најмногу страдаат децата. На Клиниката за белодробни заболувања „Козле“ се бара кревет повеќе. Големата разлика во дневната и ноќната амплитуда, предизвикува проблеми на дишните патишта. Лабораториски е потврдено дека во државата циркулира вирус од кој на удар се дечињата кои одат во градинка и на училиште.

Кај бебиња oд неколку месеци се дијагностицираат бронхитис и други респираторни инфекции. Институтот за белодробни заболувања „Козле“ е исполнет до последното место. Болнички се лекуваат 150 деца. Мајките остануваат со нив по 10-тина дена и повеќе.
„Со бронхоопструкција е. Еве, сега ни дадоа многу видови терапија, спрејови.“
„Намален му е имунитетот поради временските услови, поради одењето во градинка, таму се меша со повеќе деца“, велат родителите кои ги затекнавме.
Иста слика секој ден. Едни си одат, други доаѓаат. Докторите имаат и по 350 амбулански прегледи. Променливо време, вирусни инфекции- лекарите велат дека нежните дишни патишта на децата не можат да се справат со аерозагадувањето.
„Студениот воздух и променливото време што го имавме, дење топло, навечер студено, влијае за појава на акутни респираторни инфекции. Исто така, хронично болните пациенти доцнат со земањето на терапијата. Ние секогаш им велиме дека треба да почнат порано за бидат заштитени, за да можеме да ја дочекаме зимата подготвени. Апелираме децата што одат во градинка да се одделат, болните деца да не се мешаат со здравите“, изјави прим. д-р Оливер Зафировски, директор на Институтот за белодробни заболувања.
Кога е загаден воздухот, лекарите советуваат да се избегнува престој на отворено, да се консумира здрава храна, само така ќе може имунолошкиот систем да се избори со надворешните влијанија.
Речиси 60 проценти од заболувањата кај децата се последица на загадувањето. Неопходно е колку што е можно да се престојува надвор од градските средини, на чист воздух- препорачуваат лекарите. Според нив, ова им недостига на белите дробови.
Андријана Атанасовска
