Трговска размена

Македонија верна на традиционалните партнери

04.02.2014 16:42

Државната статистика ги објави податоците за ланската надворешно - трговска размена...

Државната статистика ги објави податоците за ланската надворешно - трговска размена. Во 2013-та сме извезле стоки и услуги во вредност од 4,3 милијарди долари, додека вредноста на увозот изнесува околу 6,6 милијарди. Покриеноста на увозот со извоз e 64,7 проценти, додека трговскиот дефицит 2,3 милијарди американски долари. Споредено со претходната година, дефицитот се намалил за 200 милиони долари, па се зголемила покриеноста на увозот со извоз.
 
Во 2013-та најмногу сме тргувале со земјите од Европската унија и од Западниот Балкан, но за разлика од претходната година, во првата петорка трговски партнери ја нема Бугарија, но затоа во првите пет е позиционирана Велика Британија.   
 
Германија останува наш најголем трговски партнер. Обемот на стоковна размена со оваа земја изнесува над 2,2 милијарди евра. Листата на десетте најголеми трговски партнери на Македонија ја сочинуваат: Германија, Грција, Велика Британија, Србија, Италија, Бугарија е сега на шестото место, па следуваат Кина, Турција, Косово и Словенија. Од овие земји, суфицит во размената имаме само со Германија и Косово.
 
И покрај настојувањата за позасилена присутност на нашите компании на азиските пазари, во првите 10 трговски партнери на Македонија има само една земја од овој континент – Кина. 
 
„Постои огромна можност да се позиционираме на овие пазари, но треба да сме поагресивни. Азија е огромен пазар од 4,2 милијарди, наспроти Европа со 650 милиони. Имаме големи потенцијали, во многу земји нашите производи можат да поминат, и не гледам причина зошто да не ја освојуваме Азија”, изјави Владимир Ковчегарски, Совет за надворешна трговија Македонија – Азија -Пацифик.
 
Според Статистика, најмногу извезуваме катализатори на носачи на благородни метали, фероникел, производи од железо и челик, облека. Најмногу увезуваме нафтени масла, платина, струја и моторни возила. Лани, обемот на стоковна размена изнесувал околу 11 милијарди долари.
 
 
Мартин Пушевски