Управниот суд во рок од 48 часа треба да одлучи по тужбите на политички партии за изборите

19.12.2016 13:08

Тече 48-часовниот рок за одлучување по тужбите поднесени од политички партии. Пет судии избрани со ждрепка, на јавна седница треба да одлучат како ќе се постапува по тужбите. Одлуките на Управниот суд се конечни.

Откако Државната изборна комисија ги разгледа сите приговори, на потег сега е Управниот суд. Тече 48-часовниот рок за одлучување по тужбите поднесени од политички партии. Пет судии избрани со ждрепка, на јавна седница треба да одлучат како ќе се постапува по тужбите. Одлуките на Управниот суд се конечни.

Четири тужби поднесе СДСМ, а една ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Државната изборна комисија за прифаќање на еден приговор на движењето БЕСА за едно избирачко место во Гостивар.

Поднесена е тужба против решението на Државната изборна комисија со кое се уважи како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, скандалозниот приговор на БЕСА и се поништија резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на пратеници на едно гласачко место во општина Гостивар, во шеста изборна единица.

За ВМРО-ДПМНЕ ова е незаконска одлука на дик и директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на Коалицијата „За подобра Македонија“ и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ.

СДСМ поднесе четири тужби што се однесуваат на гласањето во избирачки места во шестката. И СДСМ не е задоволна од работата на ДИК затоа што, како што велат од партијата, Комисијата не одговори на сериозната задача за целосна заштита на изборниот процес во делот на одлучувањето по приговорите.

Движењето БЕСА се откажа од тужби до Управниот суд затоа што, како што информираа, не сакале да се продолжи изборната агонија.