Управниот суд одлучува по тужбите од партиите
Откако Државната изборна комисија ги разгледа сите приговори, на потег сега е Управниот суд, кој во рок од 48 часа треба да се произнесе по тужбите поднесени од политички партии. СДСМ достави четири, а ВМРО-ДПМНЕ една тужба. Одлуките на Управниот суд се конечни.

Пред советот од петмина управни судии на маса се петте тужби поднесени од политичките партии кои се незадоволни од решенијата на Државната изборна комисија. Четири тужби поднесе Социјал- демократскиот сојуз на Македонија, а една е од ВМРО-ДПМНЕ. Таа тужба се однесува на единствениот прифатен приговор од ДИК, а се однесува за поништено гласање на избирачкото место 3961 во Гостивар. Пред да го донесе решението и да го поништи гласањето таму, ДИК побара и графолошко вештачење на еден потпис.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат, ваквата незаконска одлука на ДИК директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата „За подобра Македонија“ и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ. Од партијата информираат дека поднеле докази и аргументи со кои, како што велат, ја потврдуваат неоснованоста на одлуката на ДИК. Апелираат да не се врши притисок врз Управниот суд бидејќи тоа би било фалсификување и крадење на волјата на граѓаните со пост изборен инженеринг.
Веќе тече рокот од 48 часа во кои Советот од управни судии треба да ги разгледа тужбите и да донесе одлука по нив. Поради расправата во ДИК пролонгиран е рокот за објавување на конечните резултати. Резултатите ќе бидат познати откако ќе се произнесе управниот суд и доколку нема прегласување на оспорено гласачко место.
Миле Ристески
