Раселените лица од Алепо сместени во несоодветни услови за студено време

19.12.2016 15:31

Илјадници луѓе, вклучувајќи и десетици сирачиња, заминаа од Алепо во една од најголемите евакуации во историјата на градот. Неколку деца се хоспитализирани поради дехидрираност.

Стотици раселени лица од Алепо се сместени во бегалскиот камп Џибрен во несоодветни услови за студено време. Досега заминале над 80.000 луѓе од градот поради офанзивата на владините сили врз источниот дел кој беше под контрола на бунтовниците. Меѓу нив е и девојчето Бана Алабед чијшто дом беше целосно уништен од бомбардирањата.

„Јас и ќерка ми сакаме да му кажеме на светот дека многу деца и стари луѓе во источно Алепо настрадаа во бомбардирањата. Таму веќе нема живот. Затоа преку Твитер кажуваме што се случува. Среќни сме што стигна веста. Жал ми е што си заминав од дома, душата ја оставив таму. Сакам слобода, убава иднина за децата“, изјави Фатима Алабед.

Од УНИЦЕФ  велат дека 47-те деца кои беа заглавени во сиропиталиште се однесени на безбедно место. Но, некои се во критична состојба поради дехидрираност.

На својот твитер профил, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу напиша: „12 илјади цивили се евакуирани од источно Алепо во област контролирана од опозицијата, вклучувајќи 4.500 луѓе од полноќ“.

Слична евакуација се одвива и во деловите под контрола на владините сили во Идлиб.

„Во тек е хуманитарен договор зашто оние што доаѓаат овде имаат потреба од хуманитарна помош. Некои се повредени, болни, а дојдоа и повозрасни луѓе.“

По неколку прекини поради непочитување на примирјето, евакуацијата на цивилите и бунтовниците беше обновена. Според медиумите, џихадистите од групата ал-Шам, која соработува со Ал Каеда, ги нападнале конвоите.  Но Хезболах, групата која се бори заедно со сириската влада, изјави дека автобусите биле во вкрстен оган од џихадисти и друга исламистичка група која ја поддржувала евакуацијата.

Претходно, претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган разговарале за нови преговори меѓу владините сили и умерената опозиција на Сирија, но на казахстански терен.