Полска во политичка криза
Нов ден и нови превирања во Полска. Земјата е во политичка криза. Опозициските пратеници ја блокираат работата на Парламентот, ја обвинуваат владејачката партија за поткопување на демократијата и на Уставот. За Партијата на правото и правдата, последниве случувања се дело на фрустрирани опозициски политичари.

Трет ден од латентниот политички конфликт во Полска. Опозицијата организира демонстрации пред полскиот Сејм, опозиционерите ги заземаат пратеничките клупи и на владејачката десноориентирана гарнитура. Се протестира и пред Уставниот суд. Причината за несогласувањата, во деновите кога полјаците се подготвуваат за Божикната прослава, е буџетот за наредната година, нешто веќе видено во Европа. Еден од демонстрантите е и поранешниот претседател Бранислав Коморовски, тој оценува дека Полска е во парламентарна криза.
„Во моментите на политичката криза, да им се заблагодариме на луѓето кои бијат битка за демократијата и покрај изборниот пораз. Не смееме да покажеме слабост. Пред нас е годината на победата“, изјави Бранислав Коморовски, поранешен претседател на Полска.
Демонстрациите добиваат драматичен карактер. Десетици демонстранти легнаа на патот кон замокот Вавел во Краков за да го попречат одбележувањето на загинувањето на претседателот Лех Качински, братот Јарослав. Падна и сигналот на полската телевизија, јавниот сервис, причината засега не е позната. Полскиот претседател Анджеј Дуда ги покани лидерите на власта и на позицијата, на сепак одвоен состанок за надминување на кризата. Во опозициската Модерна партија сметаат дека шефот на државата имал разбирање за барањата околу дилемата за буџетот.
„Сериозно бараме две работи. Прво, прашуваме дали имало кворум во салата кога се одржувало гласањето и дали целата опозиција влегла таму. Постојат сомнежи за ова. Второ, не постои можност да се утврди што се случувало во собата за гласање“, изјави Рихард Петру, лидер на Модерна партија.
Состојбата се поларизира. Проконзервативниот пишуван медиум „Газета Полска“ организира контрапротести во поддршка на владата пред претседателската палата.
„Владата е избрана по демократски пат и само на избори може да се победи. Кажете им дека ќе ја одбраниме според законот и според волјата на гласачите. Знаеме дека некој сака да ја претстави Полска како нестабилна држава“, изјави Адам Боровски, „Газета Полска“.
„Имаме поддршка од милиони граѓани, нема закана за демократијата. На Полска и се потребни мир, чувство на заедништво и одговорност“, вели Пјотр Глински заменик министер за култура.
И Брисел е загрижен за состојбата во Полска, но има свои причини.
„Комисијата веќе изрази загриженост за состојбата со владеењето на правото во Полска. Уште во јули, претседателот Јункер го постави ова прашање на состанокот на телото“, изјави Мина Андреева, портпарол на Европската комисија.
Состојбата тлее, опозицијата тврди 40-милионска Полска се движи кон автократија, власта предупредува на хибридна војна, на дестабилизација и на државата и на Европа.
Зоран Богатинов
