И Брисел ги чека конечните резултати од изборите
Портпаролката на Комисијата, Маја Коцијанчич, вели дека ДИК и судовите треба да работат непречено, ослободени од притисоци и политички влијанија. Постои загриженост од, како што велат, зголемувањето на негативната реторика.

Прелиминарните резултати од изборите се забележани, се чекааат резултатите од жалбите до Управниот суд- ова е ставот на официјален Брисел за развојот на настаните во нашата држава. Европската Комисија порачува дека на ДИК и на судовите треба да им се дозволи да работат непречено, без притисок и политичко влијание.
Во писменото соопштение, Европската Унија изразува загриженост поради тензиите во текот на последниве денови и зголемувањето на негативната реторика. Комисијата ги повикува сите инволвирани страни да се однесуваат одговорно со цел јакнење на довербата на граѓаните во јавните институции и демократските процеси.
„Со нетрпение очекуваме брзо формирање на нов парламент и на нова влада со цел спроведување на реформата за решавање на систематското владеење на правото, спреведување на преостанатите итни реформски приоритети и повикуваме на континуирана имплментација на претходните политички договори“- стои во соопштението на Европската Комисијата.
Од Брисел велат дека ќе продолжат со поддршка на земјава во процесот на европската интеграција.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
