Светските лидери со осуда за нападите низ Европа
Светските лидери ги осудија нападите низ Европа. Во Анкара беше убиен рускиот амбасадор. Во Берлин настрадаа цивили откако барател на азил влета со камион на Божиќен пазар. Во нападот врз Исламски центар во Цирих се повредени три лица.

Германската полиција почна истрага за можен терористички напад откако маж влета со камион во маса народ на божиќен пазар во Берлин, при што загинаа 12, а беа повредени 48 луѓе. Возачот е барател на азил од Пакистан кој дошол во Германија во февруари, тврдат безбедносните сили. Тој е уапсен, а совозачот е најден мртов.
„Внимателни сме во истрагата. Не сакам да го употребам зборот „напад“ иако многу докази укажуваат дека токму тоа се случило“, изјави Томас Де Мезиер, министер за внатрешни работи на Германија.
„Се надеваме дека нема да се оствари она од што се плашевме во изминатиов период. Ова е напад. Ќе анализираме се детално. Имаме загинати и повредени. Состојбата е драматична“, вели Микаел Милер, градоначалник на Берлин.
Сличен напад против цивилното население се случи и во Швајцарија. Од засега непознати причини, вооружен маж отворил оган во исламскиот центар во Цирих при што ранил тројца. Полицијата во близина на објектот најде тело, но властите не коментираат дали се работи за жртва од истиот напад.
Во Анкара, турски полицаец го застрела рускиот амбасадор во земјата, наводно поради руските дејствија во сириски Алепо. 22-годишниот Мевлут Ајдинтас бил член на специјалните единици, но не е потврдена поврзаност со некоја група. Убиството на Андреј Карлов се случи ден по протестите во Турција поради руската поддршка на сирискиот претседател Асад.
„Нарачателите на убиството на амбасадорот на Русија во Турција, Андреј Карлов нема да го поткопаат процесот за нормализација на односите меѓу двете земји“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Турскиот претседател Ердоган и рускиот колега Путин заклучиле дека убиството е провокација чијашто цел е нарушување на билатералните односи.
Русија праќа група истражители во Турција за да се вклучат во истрагата.
Вооружен инцидент се случил и во близина на амбасадата на САД во Турција поради што се затворени американските конзулати во Адана и во Истанбул.
