Славниот виолинист Џулијан Рахлин на Божикен концерт со Македонската филхармонија
На програмата се виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци, љубовни теми: увертира од операта „Крадливата страчка“ од Росини, „Танцот на цвеќињата“ од балетот „Оревокршачка“ и Панорама и Валцер од балетот „Заспаната убавица“ од Чајковски...

На 7 јануари, по повод еден од најголемите христијански празници Божик, во Македонската опера и балет во 12:30 часот, Македонската филхармонија ќе одржи Божикен концерт на кој како солист, но и како диригент, ќе се претстави светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин.
На програмата се виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци, љубовни теми: увертира од операта „Крадливата страчка“ од Росини, „Танцот на цвеќињата“ од балетот „Оревокршачка“ и Панорама и Валцер од балетот „Заспаната убавица“ од Чајковски, валцерот „Виенска крв“ од Штраус, увертира од операта „Руслан и Људмила“ од Глинка, „Стара Виена“ од Годовски, како и премиерите на „Убавиот Рузмарин“, Минијатурен виенски марш, „Љубовна тага“ и „Љубовна радост“ од Фриц Крајслер.
Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрални интерпретации, соработувајќи со најпрестижните диригенти и оркестри. Неговата желба да ги проширува сопствените музички хоризонти, ќе го одведе Рахлин и во сферата на диригирањето, а чести ќе станат и неговите изведби на виола.
