Бегалец од Пакистан одговорен за нападот во Берлин
Руски сенатор изјавил дека западни тајни служби учествувале во убиството на рускиот дипломат во Анкара. Возачот од Пакистан, што изврши терористички напад во Берлин, минал низ Балканската рута како мигрант. Светот се повеќе станува нестабилен.

Германската полиција почна истрага за можен терористички напад откако маж влета со камион на Божиќен пазар во Берлин, при што загинаа 12, а беа повредени 48 луѓе. 23-годишниот Пакистанец, Невед Б. е барател на азил кој дошол во Германија веројатно преку балканската рута. Во возилото, полицијата пронашла тело на полски државјанин за кого претпоставуваат дека бил сопственик на камионот пред да биде одземен од Пакистанцеот.
„На сите ќе ни биде многу тешко ако се потврди дека лицето кое го изврши ова злодело е барател на азил во Германија. Најтешко ќе им биде на многубројните Германци кои секојдневно им помагаа на бегалците, но и на оние кои вистински имаат потреба од заштита и интеграција во нашето општество“, изјави Ангела Меркел, државен канцелар на Германија.
„Внимателни сме во истрагата. Не сакам да го употребам зборот „напад“ иако многу докази укажуваат дека се случило токму тоа“, вели Томас Де Мезиер, министер за внатрешни работи на Германија.
„Се надеваме дека нема да се оствари она од што се плашевме во изминатиов период. Ова е напад. Ќе анализираме се детално. Имаме загинати и повредени. Состојбата е драматична“, рече Микаел Милер, градоначалник на Берлин.
За разлика од неколку часа се случи сличен инцидент и во Швајцарија. Полицијата во Цирих го пронајде телото на напаѓачот кој повреди тројца во Исламски центар. Од засега непознати причини, мажот отворил оган кон луѓе кои се молеле во објектот.
На изложба во Анкара, поранешен турски полицаец го застрела рускиот амбасадор Андреј Карлов, наводно поради дејствијата на Москва во сириски Алепо. 22-годишниот Мевлут Алтинташ беше ликвидиран по неколкуминутната престрелка со полицијата. Иако го активитрал детекторот за метал на влезот на галеријата, успеал да влезе со полициската легитимација која ја користел додека работел. Според официјална Анкара, Алтинташ е поврзан со имамот Фетула Ѓулен, обвинет за неуспешниот државен удар од јули. Но ѓуленистите негираат каква било вмешаност. Русија праќа група истражители за да се вклучат во истрагата.
За властите во Турција и во Русија, убиството е провокација чија цел е нарушување на билатералните односи.
„Нарачателите на убиството на амбасадорот на Русија во Турција, Андреј Карлов нема да го поткопаат процесот за нормализација на односите меѓу двете земји“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Повеќето светски лидери жестоко го осудија убиството на дипломатот, но на социјалните мрежи се појавија и политичари кои упатија фалби за злосторникот. Пратеникот на Врховната Рада, Владимир Парасјук напиша: „Кога човек по цена на сопствениот живот е подготвен на крајни мерки, поради идеја, вистина, тогаш со сигурност може да се каже - херој!“
Вооружен инцидент се случил и во близина на амбасадата на САД во Турција поради што се затворени американските конзулати во Адана и во Истанбул.
