Експертски тим од Москва го истражува атентатот на рускиот амбасадор во Турција

20.12.2016 14:41

Руски сенатор изјавил дека западни тајни служби учествувале во убиството на рускиот дипломат во Анкара. Русија испрати тим од 18 истражители, кои од вчеравечер се веќе во Анкара. Путин и Ердоган се на жешката телефонска линија.

Осумнаесет истражители од Москва се вклучија во истрагата за атентатот врз рускиот амбасадор Андреј Карлов во Анкара. Поранешниот турски полицаец Мевлут Алтинташ го застрела дипломатот на настан во галерија каде што влегол благодарение на полициската легитимација иако претходно го активирал детекторот за метал. 22-годишниот атентатор беше ликвидиран по неколкуминутна престрелка со полицијата. По извршениот претрес во домот на Алтинташ беа приведени неколку членови од потесното семејство. Според првичните информации, нападот бил одмазда за воените активности на руската армија во Сирија. По грозоморниот чин, атентаторот извикал „Не заборавајте го Алепо!“.

Официјална Анкара го поврзува Алтинташ со имамот Фетула Ѓулен, обвинет за неуспешниот државен удар од јули. Но ѓуленистите негираат каква било вмешаност.

За властите во Турција и во Русија, дипломатскиот инцидент е провокација чија цел е нарушување на билатералните односи.

„Односот со Русија е важен за нас. Има суштинска важност за регионот. Им порачувам на сите кои се обидуваат да ги ослабнат нашите односи: вашите очекувања нема да се остварат. Ви докажавме дека сме посветени и ќе продолжиме со истата решителност“, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

„Извршителите на нападот нема да ги влошат односите меѓу Турција и Русија. Не е важно кој нападнал или каде нападнал, нашата земја и влада ќе ги надминат заканите со солидарност“, рече премиерот Бинали Јилдирим

Нарачателите на убиството на амбасадорот на Русија во Турција, Андреј Карлов нема да го поткопаат процесот за нормализација на односите меѓу двете земји“, истакна министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

На средбата во Москва, Лавров му изрази благодарност на турскиот колега Мевлут Чавушоглу за брзата реакција за, како што рече, варварскиот чин.

Повеќето светски лидери жестоко го осудија убиството на дипломатот, но на социјалните мрежи се појавија и политичари кои упатија фалби за злосторникот. Пратеникот на Врховната Рада, Владимир Парасјук напиша: „Кога човек по цена на сопствениот живот е подготвен на крајни мерки, поради идеја, вистина, тогаш со сигурност може да се каже - херој!“

Според Кремљ, Анкара е одговорна за безбедносноста на руските дипломати во земјата. Конзулатите нема да бидат затворени, но мерките за безбедност се зголемени.

Вооружен инцидент се случил и во близина на амбасадата на САД во Турција, поради што се затворени американските конзулати во Адана и во Истанбул.

 

Маја Филдишев