Одложено рочиштето за „Поткуп“, обвинителот не е изземен
Адвокатскиот тим на Заев побара случајот да се стопира и јавниот обвинител Милошевски да биде изземен од случајот сѐ додека Специјалното јавно обвинителство не се изјасни за кривичната пријава што тие ја поднесле против него пред повеќе од една година...

Со решение на јавниот обвинител Златко Биковски, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција го одби барањето на одбраната на претседателот на опозициската СДСМ, Зоран Заев за изземање на обвинителот Владимир Милошевски, кој го води случајот „Поткуп“.
Претходно адвокатскиот тим на Заев побара случајот да се стопира и јавниот обвинител Милошевски да биде изземен од случајот сѐ додека Специјалното јавно обвинителство не се изјасни за кривичната пријава што тие ја поднесле против него пред повеќе од една година. Адвокатите на Заев посочија дека јавниот обвинител Милошевски, кому му е доделен предмет „Поткуп“, прво треба да одговора, како што рекоа за протечените видеа, обезбедени со пи-мерки, но и да се утврди како тие завршиле на интернет со оглед што за нив знаел само тој.
Иако јавното обвинителство одби да го изземе обвинителот Милошевски, сепак рочиштето беше одложено за 23-ти јануари, поради обврските на Заев како лидер на опозицијата.
Фиљана Кока
