Притворени шест лица поради атентатот на рускиот амбасадор

21.12.2016 10:34

Шестмина се во притвор поради атентатот на рускиот амбасадор. Москва прати 18 истражители за истрагата на убиството, а Путин најави засилување на борбата против тероризмот.

Ковчегот со посмртните останки на рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, кој беше убиен во Анкара, е префрлен во Москва. Турските власти приведоа шестмина, а руските пратија тим од 18 истражители кој се вклучува во истрагата за атентатот.

Според претставник на турската влада, нападот бил одлично испланиран и зад него стоела мрежа од луѓе, а не само еден човек.

22-годишниот Мевлут Алтинташ, поранешен полицаец, го застрела амбасадорот Карлов во галерија, наводно поради руската вмешаност во конфликтот во Сирија.

За претседателот на Русија Владимир Путин, атентатот е обид да се влошат односите меѓу двете земји.

„Злосторството е провокација чијашто цел е да се нарушат односите меѓу Русија и Турција, но и мировниот процес во Сирија. Постои само еден одговор на ова-интензивирање на борбата против тероризмот, а бандитите ќе ја почувствуваат на сопствената кожа“, изјави Путин.

На средбата на шефовите на дипломатиите на двете земји, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека убиството на дипломатот уште повеќе ја зголемува решителноста во процесот на елиминирање на сите теористи, вклучувајќи ги и џихадистите во Сирија.

„Се надевам дека нашите разговори и состанокот со иранскиот колега ќе резултираат со договор, кој со конкретни акции ќе создаде напредок во решавањето на сирискиот конфликт“, изјави Лавров.

Засега нема докази кои укажуваат дека атентаторот бил член на терористичка организација. Властите го поврзуваат со движењето на имамот Фетула Ѓулен, обвинет за неуспешниот обид за државен удар во Турција. Но ѓуленистите негираат каква било вмешаност.

Соединетите Американски Држави времено ја затворија амбасадата поради пукотниците што се случија по атентатот на Карлов. Вашингтон претходно предупреди за можни нарушувања на безбедноста поради серијата напади кои се случија во Турција годинава.

Маја Филдишев