Фронтиер: Многу американски амбасадори поставени од Обама ќе бидат заменети

21.12.2016 10:39

Американската надворешна политика под раководство на новиот американски претседател ќе се води од американските интереси и нема да игра улога како претходната администрација. Многу американски амбасадори поставени од Обама особено во Европа, ќе бидат заменети со нови, оценува експертот на Центарот за непартиска политика во Вашингтон, Џон Фронтиер.

Со стапувањето на функција на новиот американски претседател ќе се смени и надворешната политика. Администрацијата на Доналд Трамп нема намера да се меша во внатрешните работи на странските држави, туку да ги штити американските интереси.

„Неговите големи принципи се дека Америка нема да биде толку инволвирана на Блискиот Исток или да испраќа сили на места за којшто смета дека се комплицирани. Тој беше против војната во Ирак и на претседателот Буш. Исто така силно нагласи дека ќе биде силен противник во битката против ИДИЛ. Како ќе го оствари тоа и како ќе се справи со Блискиот Исток останува да се дефинира“, изјави Џон Фронтиер, експерт за надворешна политика на Центарот за непартиска политика во Вашингтон.

Во Стејт Департмент ќе се случат многу промени. Амбасадорите наименувани од Обама ќе бидат повлечени и заменети со нови амбасадори.

„Некои амбасадори особено во некои понестабилни држави за кои се потребни поголеми дипломатски врски се типично јавни службеници коишто се постојан дел од владата, но тие најчесто се менуваат кога ќе се смени администрацијата. Не очекувам дека ќе биде поинаку и сега. Ќе има нови амбасадори на многу места. Амбасадорите во Европа се луѓе коишто дојдоа или се поддржувачи на претседателот и на оваа администрација. Повторно типично е дека новиот претседател ќе најде луѓе коишто беа дел од неговиот тим и поддржувачи коишто ќе бидат ставени на дипломатски места во земји со кои имаме пријателски односи“, смета Фронтиер.

Во првите 100 дена, главна цел на американската надворешна политика ќе биде победа на Исламската држава. Трамп се очекува да ги подобри односите со Русија и со Израел. Ќе очекува од членките на НАТО и на Обединетите нации да преземат дел од обврските, а не да се ослонуваат само на Америка. Во врска со Европската унија, Трамп веќе го поддржа излезот на Британија од Унијата и не се очекува да има мислење околу проширувањето. Во Европската Унија ќе гледа сојузник во врска со безбедносните закани.

На инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп во јануари не се поканети шефови на држави. Амбасадорите во Вашингтон ќе ги претставуваат државите во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ