Фронтот Ал Нусра прeзеде одговорност за атентатот на рускиот амбасадор во Турција

21.12.2016 14:20

Милитантите од поранешниот „Фронт Ал Нусра“ стојат зад атентатот на рускиот амбасадор во Турција. Путин најави засилување на борбата против тероризмот. Во руската амбасада во Скопје ќе биде отворена книга на жалост.

Терористичката група позната како „Фронт Ал Нусра“ презеде одговорност за атентатот врз рускиот амбасадор Андреј Карлов во Турција. Информацијата беше објавена во писмо на интернет. Претходно Москва прати тим истражители во Анкара. Турската полиција приведе 13-мина, вклучувајќи и членови на потесното семејство на атентаторот Мевлут Алтинташ кој работел како полицаец. Дипломатот Андреј Карлов беше застрелан во уметничка галерија поради руските операции во Сирија. Погребот ќе се одржи в четврток во Москва.

Челниците на Русија и Турција потенцираа дека терористичкиот акт нема да ги наруши билатералните односи.

„Злосторството е провокација чијашто цел е да се нарушат односите меѓу Русија и Турција, но и мировниот процес во Сирија. Постои само еден одговор на ова-интензивирање на борбата против тероризмот, а бандитите ќе ја почувствуваат на сопствената кожа“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Пред неколку месеци, Ал Нусра се оддели од Ал Каеда, преименувајќи се во „Џабат Фатех ал-Шам“, односно „Фронт за освојување на Сирија“. Лидерот ал-Џулани нагласи дека разделбата била пријателска, негирајќи здружување со надворешни страни.

 

Маја Филдишев