На 1-ви март ВМРО-ДПМНЕ ќе го избира претседателскиот кандидат

04.02.2014 18:29

Јавниот повик за номинации ќе биде наскоро објавен...

Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата на 1-ви март ќе го избираат претседателскиот кандидат.  Јавниот повик за номинации ќе биде наскоро објавен. Ако сака да влезе во трка за уште еден мандат, ќе треба да се пријави и актуелниот шеф на државата, Иванов.

Шефот на центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ не ги коментира изјавите поврзани со ставовите на коалицискиот партнер за консензуалниот кандидат и можноста од предвремени избори. Во партијата се aнализира.

„Внимателно  ги  следиме и анализираме состојбите на политичката сцена. Посебно по позицијата на нашиот коалициски партнер ДУИ, која фрла секако една нова димензија, ново светло на политичките процеси во Р.Македонија. Каква и одлука да донесеме, таа секако ќе е базирана исклучиво на државниот и националниот интерес“, вели Илија Димовски, директор на Центарот  за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи  вели дека дијалогот преку медиуми е неприфатлив и очекуваат официјален одговор од коалицискиор партнер за нивниот конкретен предлог.

„Не договарањето за консензуален кандидат може да ја комплицира политичката сцена во државата. Во смисла на нормално функционирање меѓутоа, таа опција е можна колку што се можни и другите опции“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Заедничкиот претседателски кандидат, според ДУИ ќе биде кохезивната сила во државата, а од  ВМРО-ДПМНЕ очекуваат во вториот круг подршка за кандидатот независно од етничката припадност на гласачите.

Интегративците и натаму ја држат подотворена вратата за можни предвремени парламентарни избори. За одлуката има уште 23 дена. Според изборната регулатива, 27 февруари е последниот датум за распуштање на парламентот доколку се донесе одлуката предвремените парламентарни избори да се одржат со вториот круг на претседателските.

Виолета  Димовска