Врачена државната награда за новинарство и публицистика за 2016-та година

21.12.2016 15:47

Аљуш Камбери и Тони Димков, годинашни добитници на наградата „Мито Хаџивасилев- Јасмин“. За новинарите ова е посебно признание за нивниот долгогодишен труд во професијата.

Љубовта кон професијата постојано ни даваше мотивација цел живот да бидеме во потрага по настанот, по темата, по идејата, во потрага по човекот и неговата судбина, рече Аљуш Камбери потенцирајќи дека наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ е чин на признавање на нивниот долгогодишен вложен труд и вреднување на новинарските и публицистичките достигнувања во Македонија.

Наградата припадна во рацете на двајца исклучителни професионалци новинари кои аргументирано можат да бидат и синоним на новинарството, како што тоа е по дефиниција, рече Лилјана Грџо Дамовска, претставник на одборот за доделување на наградата за 2016-та година.

Тони Димков во својата 25- годишна кариера има подготвено повеќе од 500 ТВ прилози, педесетина ТВ емисии и стотици интервјуа, текстови од областа на културата и уметноста. Неговиот долгогодишен новинарски опус резултираше со трудот „Зборот остава траги“ во кој се собрани интервјуа на значајни личности од културата.

Аљуш Камбери во неговото богато телевизиско творештво има над 400 документарни единици. Автор е на филм за првото доаѓање на Мајка Тереза во Македонија. За нобеловката и хуманистка направил уште три документарци, како и играниот филм „Кога Мајка Тереза беше Гонџе“.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска