„Руска бајка“ - новогодишен концерт на МОБ на 1 јануари
На програмата се дела од Прокофјев, Чајковски, Шостакович, Рахмањинов, Фомин, Герман, Пендерцки, Ларионов и Римски-Корсаков

Македонската опера и балет (МОБ) во недела, на 1 јануари, ќе го изведе традиционалниот Новогодишен концерт. Концертот со наслов „Руска бајка“, под диригентство на Иван Еминовиќ, ќе се одржи во реновираниот Салон на Македонската опера и балет.
На програмата се дела од Прокофјев, Чајковски, Шостакович, Рахмањинов, Фомин, Герман, Пендерцки, Ларионов и Римски-Корсаков, а ќе ги изведат оперските солисти: Тамара Калинкина, сопран (Украина), Борис Трајанов, баритон, и Дарко Нешовски, тенор, како и балетските солисти: Мими Поп Алексова Атанасовска, Марија Кичевска Шокаровска, Ивана Коцевска, Бобан Квачевски, Дојчин Дочев (Бугарија), Игор Веланоски, Дафина Данилоска-Кочевска, Билјана Басмаџиева, Маја Митровска-Богојевска и Марина Анастасовска.
Ќе учествуваат и балетскиот ансамбл и оркестарот на Македонската опера и балет. Режисер е Трајко Јордановски, а кореограф Саша Евтимова.
