Трамп: Нападите во Берлин и Анкара се доказ дека имав право

22.12.2016 12:31

Нападите во Берлин и Анкара се доказ дека имав право, изјави Доналд Трамп, алудирајќи на предизборната кампања во која повикуваше на забрана за влез на муслиманите. Берлин распиша потерница за тунижанецот Анис Амри, и понуди награда од 100.000 евра за информации. Во Москва почна комеморацијата за амбасадорот Карлов кој беше убиен во Анкара.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изрази згрозеност од нападите во Берлин и Анкара, нагласувајќи дека имал право кога зборувал за забрана за влез на муслиманите во САД. Во предизборието, тој бараше прекин на мигрантскиот бран се додека не се воспостави темелен систем за проверки.

„Ги знаете моите планови. Цело време имав право, и тоа 100%. Срамно е се што се случи. Ова беше напад врз човештвото, мора да запре“, изјави новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп.

Властите во Германија понудија 100.000 евра за информации за Тунижанецот Анис Амри, осомничен за берлинскиот напад во кој загинаа 12 лица. Во инцидентот на божиќниот пазар беа повредени 48 луѓе откако Амри со камион влета во масата народ. Националната демократска партија одржа антимигрантски протест.

„Сега гледаме ситуација во која владеат стравот и насилството, нешто што ниту  имавме ниту сакавме да ни се случи. Јас не го гледам вака современото општество.“

„Во Сирија и во Авганистан веќе има доволно безбедни точки. Бегалците веќе не мора да доаѓаат овде.“

На истото место беше одржан и собир на солидарноста меѓу населението и бегалците со цел да се покаже обединетоста на германската држава.

Во Москва почна комеморација за Андреј Карлов, рускиот амбасадор во Турција кој беше застрелан, наводно поради активностите на Москва во Сирија. Атентаротот Мевлут Алтинташ загина во престрелката со полицијата. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација позната како Фронт ал Нусра. Турските и руските челници нагласија дека билатералните односи нема да бидат нарушени и почнаа заедничка истрага за атентатот.

Маја Филдишев