Врховен и Кривичен суд со нови претседатели по празниците
Ниту Врховен суд ниту Кривичен нема да имаат новоизбрани претседатели пред Новогодишните празници, вели претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Истото важи и за кандидатите за претседатели на Тетовскиот суд и за штипска Апелација.

После вонредното оценување на кандидатите за претседатели, Советот ќе треба да го испочитува рокот од осум дена за жалба. Претседателот на Судскиот совет, Караџовски посочи дека оценувањето е тајно, и секој кандидат ја добива својата оценка во плико.
Предизборието на третата власт беше проследена со кривични пријави и преставки за поранешниот претседател на Кривичниот суд, Панчевски кој сега е во трка за оваа фунцкија, судијата Џолев кој претендира за претседателското место, како и за досегашната претседателка на Врховен, Лидија Неделкова и Јово Вангеловски. Тоа, вели првиот човек на Советот Караџовски, нема влијание при оценувањето, ниту би имало влијание при евентуален избор.
Во секој случај секој судија си го гради и си го брани својот интегритет. Моралниот лик на секој од нив е перцепција и на јавноста, но и за советот кој гради став за секој кандидат, вели Караџовски.
Судскиот совет во ноември донесе одлука за вонредно оценување на кандидатите за претседатели на овие судови, поради тоа што застареле оценките на кандидатите кои последен пат биле оценети во 2014-та година.
Во трката за претседател на Кривичниот суд влегуваат Владимир Панчевски и Иван Џолев бидејќи Владимир Туфегџиќ се откажа. За претседател на Врховниот суд, пак, Лидија Неделкова, Снежана Бајлозова, Беса Адеми и Јово Вангеловски.
Фиљана Кока
