Аерозагадувањето коси
Зголемена е смртноста од аерозагадувањето, од 1.000 до 1.200 смртни случаи има на годишно ниво велат од Институтот за јавно здравје. Македонија ја ијма петтата најголема стапка на смртност во Европа од загадување на воздухот од ситни честички ПМ 10.

Зголемена е смртноста од аерозагадувањето. Од 1.000 до 1.200 смртни случаи има на годишно ниво. Акутни и хронични се последиците од загадениот воздух. Болниците се преполни со пациенти. Смртноста кај хроничноболните е сѐ поголема. Во пораст се малигните болести, а афектот е на кардиоваскуларниот систем. Од Институтот за јавно здравје алармираат дека е неопходно да се преземат мерки во сите сектори.
„Ефектите ќе се видат во значаен процент после многу години меѓутоа во некој помал процент ќе почнат вече идната година да се гледаат. Значи ќе паѓа стапката на заболување и на смртност, нема да падне така драстично, меѓутоа еднаш мораме да почнеме. Успешните градови во Европа своите ефикасни планови ги спровеле за 15 до 20 години“, вели Драган Ѓорѓев, Институт за јавно здравје.
Потребни се долгорочни мерки, смета професорот Стафилов од Институтот за хемија на Природно - математичкиот факултет. Според него најголеми извори на загадување претставуваат индустријата, а особено согорувањето на фосилни горива без разлика дали се контролирани или неконтролирани.
„Долгорочните мерки се поврзани со политичко решение и со огромни финансиски средства коишто на жалост во овој период не се реализираат и неопходно е тоа да отпочне да се реализира. Сегашната состојба во зимскиот период е дополнително актуелна заради климатските состојби и заради уделот голем на греењето на фосилни горива кои што е многу застапено во Македонија. Но, загадувањето со опасни хемиски супстанци во Македонија посебно во Скопје е присутно преку цела година“, изајви Трајче Стафилов, професор на Институт за хемија, ПМФ.
По Бугарија, Србија и Црна Гора, Романија и Унгарија, Македонија е на петтото место по смртност од загадување на воздухот од ПМ 10 честички во Европа. Од Министерство за животна средина и просторно планирање препорачуваат да се користи јавниот превоз, односно да не се користат возила без поголема потреба, да не се користи прегорено отпадно масло за затоплување на простории, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пет амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал и правилно да се користат печките за дрва.
Препораките пак на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Република Македонија се да се ограничат движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација.
Ана Јосифоска- Тодоровска
