Откажан дочекот на Нова Година на плоштадот „Македонија“

22.12.2016 16:05

Градските власти решиле парите новогодишната прослава да ги наменат во хуманитарни цели, информираа преку соопштение. Во врска со откажувањето на прославата за дочекот на Нова Година се огласи Авалон Продукција.

Каролина Гочева, Миле Кузмановски, Адријан Гаџа и Слаткар нема да ги забавувааат скопјани за дочекот на Новата 2017-та година. Градските власти решиле парите новогодишната прослава да ги наменат во хуманитарни цели, информираа преку соопштение.

„2 милиона денари наменети за прославата ќе бидат донирани во хуманитарни цели, каде точно, ќе реши Советот на град Скопје. Веќе 10 години наназад се трошат минимални средства за дочекот на Новата година затоа што забавата за граѓаните ја спонзорираа мобилните оператори во земјава“- стои во соопштението.

Во врска со откажувањето на прославата за дочекот на Нова Година се огласи Авалон Продукција.

„Доколку од нас, од страна на сите ангажирани во овој проект биде побарано некакво обесштетување, ние ќе мора да бараме обесштетување од оној од кој што бевме ангажирани, во случајов Град Скопје. Доколку сите инволвирани во проектот сметаат дека не треба да бидат обесштетени, се разбира дека Авалон Продукција нема да го тужи Град Скопје и ова ќе биде запаметено како историски преседан и аматеризам и тотално понижување на тоа што значи македонски артисти и тоа што значи професионалност“- велат од продукцијата.

Додаваат дека можеле да бидат повикани на состанок, консултирани и да се побара да се откажат од средствата.

Освен Скопје, и во Битола и Велес нема да има прослави на плоштадите. Градоначалниците решиле да организираат новогодишна хуманитарна акција наместо прослава.

 

Наташа Јанчиќ