Над 90 милиони евра инвестиции во енергетскиот сектор во 2017-та

22.12.2016 16:37

В година се планира во енергетскиот сектор да бидат инвестирани над 90 милиони евра. Трите енергетски компании, од кои една приватна и две државни, ќе инвестираат во изградба на нови и реконструкција на постојни далноводи, трафостаници и централи. Дел од проектите чија планирана вредност е далеку поголема, ќе бидат почнати во 2017-та, а ќе бидат завршени дури во 2019-та.

МЕПСО в година го почнува проектот за изградба на 400 киловолтниот далновод од Битола до македонско- албанската граница. Планирани се 250 столбови на трасата, а се калкулира со вредност од 46 милиони евра. Тендерот ќе биде објавен во август, а најдобриот понудувач ќе биде избран во четвртиот квартал од 2017-та, кога ќе биде склучен и договорот за градење. Освен овој капитален објект планирана е и ревитализација и модернизација на две, 400/110 киловолтните трафостаници Скопје 4 и Дуброво, за што се предвидени 6 до 8 милиони евра.

ЕВН-Македонија веќе дефинира дека в година ќе инвестира сума од 32 милиони евра. Листата на проекти ќе биде допрецизирана во почетокот на јануари, во согласност со барањата на одделни општини. Се планира модернизација на постојни и градење нови трафостаници, како и зголемување на капацитетот на дистрибутивната мрежа, преку градење нови далноводи и модернизација на постоечките.

„Електрани на Македонија“, како по правило инвестираат најголем износ во енергетскиот сектор. За в година се планира да бидат потрошени меѓу 50 и 70 милиони евра. Ќе почне изградбата на топлификационен систем за Битола, Новаци, Могила и Логоварди, проект вреден 47 милиони евра.

Ќе се реализира втората фаза од ветерниот парк Богданци, со изградба на 7 нови ветерници, со што ќе бидат обезбедени дополнителни 30 до 40 гигават часови електрична енергија годишно. Се работи на проект за намалување на јагленовата прашина во РЕК-Битола, како и подготвителни активности за модернизација на ТЕЦ-Осломеј.

ЕЛЕМ работи и на студијата за истражување на резервите со јаглен во пехчевско- делчевскиот регион, како и на можностите за отворање на рудник за јаглен и изградба на термоелектроцентралата „Исток “. Од компанијата појаснуваат дека станува збор за повеќе годишни проекти, за кои подготвителните активности, изработката на студии и проекти, траат по неколку години и во најголем дел се финансираат од приходите на ЕЛЕМ.

В година, во домашната енергетика, се планира да бидат вложени 90 милиони евра.

 

Свето Николовски