Синдикатот на „Југохром“ бара да се повлече одлуката за исклучување на комбинатот

23.12.2016 10:28

Синдикалната организација инсистира и државните институции да направат анализа кој вистински го загадува Тетово и колкав е процентот на материи што се испуштаат од комбинатот...

Синдикалната организација на „Југохром“ од Јегуновце денеска ќе предаде ургентно писмо до второстепената владина комисија, со кое се бара позитивно да одговори на жалбата против како што велат, неоправданото исклучување од работа на комбинатот.

Во писмото се бара веднаш да се укине донесената одлука од Државниот инспекторат за животна средина за исклучување на печките. Доколку комисијата, како што се вели во соопштението, не покаже чувство за реалноста, од 1-ви јануари 2017 година, 700-ни вработени и нивните семејства ќе останат без основна егзистенција.

Синдикалната организација инсистира и државните институции да направат анализа кој вистински го загадува Тетово и колкав е процентот на материи што се испуштаат од комбинатот, а менаџерскиот тим со уште побрзо темпо да продолжи со изградба на системот за филтрирање.