За првпат доделени ознаките за прв и главен подофицер во АРМ

23.12.2016 13:54

Главните подофицери во АРМ пред началникот на генералштабот, генерал-потполковник Величковски, брифираа за сработеното годинава, но и за идните планови. За првпат во Армијата, симболично беше извршено доделувањето на ознаките за должноста главен и прв подофицер. Наредникот Љупчо Стојков рече дека денеска е посебен ден за Подофицерскиот кор.

Подофицерскиот кор на Армијата претставува синоним за професионализам, стручно знаење и едуцираност. Постои за да овозможи поефикасно функционирање на командувањето. Подофицерите се лидери во своите единици и најодговорните луѓе за обуката и подготвеноста за извршување на кој било дел од мисиите што ни претстојат. Денешниот ден за нив е посебен, но со поголеми предизвици и обврски.

За позицијата главен подофицер, е потребно да се заврши подофицерска академија во земји на НАТО и да го имаат целосниот легитимитет и стручното знаење за пренесување на информациите. Нашите припадници се усовршуваат во подофицерските академии во САД и во Република Хрватска. Подофицерскиот кор во АРМ и армиите на алијансата е особено значаен со улогата на компетентни тренери со развиени лидерски карактеристики и способности и претставува еден од главните столбови во изведување на воената обука.

Главните подофицери во командите и единиците на АРМ на годишната конференција пред началникот на генералштабот, генерал потполковник Методија Величковски брифираа за реализираните и претстојните активности на подофицерскиот кор.

Наташа Гркова- Петрушевска