Зголемен бројот на пациенти на Пулмологија поради аерозагадувањето

23.12.2016 14:10

Поради загадениот воздух, зголемен е бројот на пациентите на Пулмологија. Лекарите препорачуваат да не се престојува на отворено подолг период. Најосетливи на температурните промени и загаденоста се децата. За хронично болните се препорачува задолжително земање на препорачаната терапија.

Променливото време, маглата помешана со смог и отровните члестички, ја преполни клиниката за пулмологија. Од ваквото време најмногу страдаат хронично болните од белодробни заболувања. Граѓаните велат, тешко се дише.

„Тешко дишам, имам проблеми и со срцето. Внимавам на препораките ама пак чувствувам потешкотии во градите.“

„Јас во село живеам, кога ќе дојдам во Скопје ми пречи.“

„Ми се суши грлото, очите ме чешаат, ме тера на кашлање“, велат граѓаните што ги анкетиравме. 

За 30 проценти е зголемен бројот на амбулантски прегледи на Клиниката за пулмологија. Пациенти со хроничен бронхит, пневмонија, астма, бараат лекарска помош поради влошеното здравје. Клиниката е исполнета до последниот кревет. Лекарите велат- загадувањето влијае и на здравите луѓе. 

„Предизвикуваат едно воспаление на слузокожата на респираторниот тракт и ова воспаление придонесува одредени луѓе да имаат симптоми на гребење во грлото, течење на нос, кашлање, различни се симптомите што луѓето ги чувствуваат. Самото аерозагадување придонесува луѓето полесно да добијат вирусни инфекции и почесто“, вели пулмоалергологот д-р Дејан Докиќ.   

Аерозагадувањето е премногу токсично за дишните патишта- велат докторите.  Советуваат колку што е можно да се престојува надвор од градските средини, на чист воздух.

Македонија е на 5-то место во Европа по смртност поради загадениот воздух. Лекарите предупредуваат, кога загадувањето е неколку пати над дозволените граници, најранливата популација да избегнува престој на отворено.

 

Андријана Атанасовска