За прегласувањето во Теарце избирачкото ливче останува исто

23.12.2016 14:40

За прегласувањето на едно избирачко место в недела во Теарце, гласачкото ливче останува исто, потврдуваат од Државната изборна комисија. Кандидатските листи се потврдени и остануваат исти како и за гласањето на 11-ти декември, вели Гугучевска. На избирачкото место 2011, каде што ќе се прегласува, запишани се 714 гласачи.

714 граѓани запишани во избирачкиот список за гласачкото место 2011 ќе можат да го остварат своето избирачко право на прегласувањето в недела. Гласачкото ливче и изводот од избирачкиот список ќе бидат исти како и на гласањето на 11 декември, потврдуваат од ДИК. Жителите ќе можат својот глас да го дадат за една од десетте листи на кандидати што беа поднесени до Државната изборна комисија и потврдени за предвремените парламентарни избори.

„Ние, резултатите од записникот ќе ги добиеме прво по елеконтронски пат, но потоа, ДИК првичните резултати ќе ги соопшти и врз основа и на оригиналниот запсиник од гласачкото место. Секако и овој пат стојат истите рокови за приговори од подносителите на листи на кандидати- 48 часа по завршување на гласањето, доколку има приговор за постапката за гласање, или пак 48 часа по објавувањето на првичните резултати, за постапката за сумирање и утврдување на резултати“, изјави портпаролот на ДИК,  Љупка Гугучевска.

Во изборната единица шест на 11 декември ДУИ освои најмногу мандати,6 Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 5, СДСМ освои еден помалку, односно 4, БЕСА 3. Алијанса за Албанците и ДПА во шестката добија по 2 пратеника. Прегласувањето на едно избирачко место во општина Теарце нема да влијае на роковите за конституирање на Собранието, што треба да се случи 20 дена од одржувањето на изборите, а седницата ја свикува претседателот од претходниот состав. Ако не се случи тоа, 21-от ден пратениците сами се состануваат, а со седницата претседава најстариот пратеник.

Откако ќе заврши процесот на прегласување во Теарце, ДИК треба да ги соопшти конечните резултати, од што ќе зависи кому шефот на државата ќе му го довери мандатот за формирање влада.

На предвремените избори на 11 декември Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратенички мандат, СДСМ и коалицијата 49, ДУИ, 10, движењето БЕСА 5, Алијанса за Албанците 3 а, ДПА 2 пратеника.

 

Наташа Јанчиќ