Синдикалната организација на „Југохром“ бара рестартирање на печките
Помина еден месец откако згаснаа печките на „Југохром“ по одлуката на инспекторатот за животна средина. Синдикалната организација на комбинатот од Јегуновце предаде ургентно писмо до второстепената владина комисија, со кое се бара позитивно да одговори на жалбата против како што велат, неоправданото исклучување од работа на комбинатот.

Синдикатот на Југохром предаде барање до Владината второстепена комисија од која бара побрзо решавање на жалбата на одлуката на државниот инспекторат за животна средина за гаснење на печките на Комбинатот во Јегуновце додека не се изгради системот за отпрашување. Велат дека се изминати законските 30 дена за изјаснување на Комисијата, и досега не е добиен никаков одговор. Бараат при решавање да се земат предвид сите аспекти, а не само законот и да се врши притисок врз менаџментот да ги заврши преземените обврски.
„Тетово е еден од најзагадените градови во РМ, и вториот аспект, подобро некогаш малку позагадено, отколку да немаш леб дома и да немаат тие 700 семејства егзистенција“, вели Пеце Ристевски, претседател а Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.
Синдикалците бараат од невладините да не ги манипулираат граѓаните.
„Со манипулации постигнаа две работи. На вработените од Југохром да им го одземат лебот од уста, да ги остават уште поситомашни. Од друга страна успеаја да ги изманипулираат граѓаните на Тетово, кои треба да се свестат дека вдишуваат загаден воздух. Дури имаше денови кога загаденоста била 12 пати над нормалното“, изјави Бајрам Амити, претседател на Синдикатот на вработени во Југохром.
Од ресорното министерство неодамна потсетија дека менаџментот треба да ги заврши преземените обврски и да го заврши системот за отпрашување и дека нема да прави компромиси околу квалиетот на воздухот.
Синдикатот очекува менаџментот да ги задржи вработените на работа и во јануари, но очекуваат и разбирање од државата, затоа што трошокот за вработените месечно изнесува 400 илјади евра.
Според нивните последни информации до крајот на март 2017-та ќе биде завршен системот за отпрашување на печките 7 и 8, а до крајот на годината и за печките 9 и 4. Вредноста на целокупната инвестиција за исполнување на бараните стандарди изнесува 12 милиони евра.
Свето Николовски
