Почна предновогодишната еуфорија

23.12.2016 15:37

На една недела сме пред испраќањето на старата и дочекот на Новата година. Иако можеби незабележително, се чувствува предновогодишната атмосфера. Рестораните се речиси резервирани, се купува и за дома. Не е мал интересот и во туристичките агенции за дочекот на новата 2017-та во странство. Граѓаните велат дека финансиите диктираат како и каде ќе се прослави најлудата ноќ.

Македонците новогодишната ноќ може да ја дочекаат во Букурешт или Атина за 100 евра. На една недела од Новата година, има интерес за новогодишните аранжмани, велат од туристичките агенции. Најбарани дестинации се традиционалните европски метрополи Париз, Прага, Виена. Според туристичките агенции годинава интерес има за зимските одмаралишта Копаоник, Златибор, Банско, Боровец. Од домашните туристички места најатрактивни се Маврово, Берово и Крушево. Цените велат во споредба со лани не се зголемени.

„Годинава има интерес за патување за Нова година, меѓутоа она што може да се истакне е дека поголем интерес има за соседните поблиски дестинации, повеќе ќе се патува во соседните земји“, вели Ана Крстевска, туристички работник.

За подалечните дестинации резервациите за новогодишната ноќ се прават неколку месеци однапред.

Рејкјавик, Лондон и Париз се првите три града на листата најскапи градови за Новогодишната ноќ. По нив следуваат главните градови на Австрија и Швајцарија.

И додека некој се подоготвува за на пат, други се подготвуваат за прослава во домашен амбиент. Велат- годинава поскромно. Иако задоволни од продажбата и трговците велат дека порано се купувало од почетокот на месецот, а сега само последните неколку дена. Сметаат дека македонскиот џеб е се потенок.

„Треба да потрошиме повеќе, празници се.“

„Не се троши повеќе, а цените се исти.“

„Не очекувам ништо, сите одат да пазарат во Тинекс, во Веро.“

„Поскапено е, што е сега стотката, ништо.“

„Не се многу покачени цените, а попусти има“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Проценките се дека новогодишните празници најмалку за 200 евра ќе го испразнат домашниот буџет. А, желбите се многу. Новата година да ни донесе здравје и среќа.

 

Дијана Ценевска