Надворешната политика во фокус на годишната прес- конференција на Путин

23.12.2016 15:44

Во Москва се одржа традиционалната прес-конференција на претседателот владимир путин. Годинава учествуваат 1.400 новинари од домашните и странските медиуми. Настанот беше презакажан поради погребот на рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов кој беше застрелан во Анкара.

Маратонската серија на прашања и одговори е ретка можност за медиумите да разговараат директно со шефот на руската држава на различни теми. Поради минатонеделните настани, во фокусот надворешната политика. Улогата во Сирија, односите со САД со кабинетот на Доналд Трамп, вработувањето на домашен терен, транспортот и пензискиот систем се дел од прашањата на кои одговара претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој ги сумираше состојбите на руската економија, која според него, бележи напредок. Во однос на надворешната политика, негираше хакирање на изборниот систем во САД, нагласувајќи дека воопшто не е важно кој го сторил тоа, туку што открил пред јавноста.

„Губитниците секогаш обвинуваат некој друг. Секогаш заборават што е најважно. Да речеме дека биле хакирани електронските пошти на демократите. Но, како што рече Трамп: Од каде да знаеме кој го направил тоа?“, нагласи Путин.

Зборувајќи за воените ангажмани, Путин изјави дека американските власти создале услови за нова трка за вооружување, а Русија само реагирала на нивниот потег.

„Не прекршуваме ништо. Ги почитуваме обврските дури и во однос на бројот боеви глави. Рускиот систем е многу ефикасен и затоа САД брзаат да го подобрат и нивниот. Ако некој поттикнува трка за нукеларно вооружување, тоа не сме ние“, рече рускиот претседател.

За атентатот на рускиот амбасадор во Турција, Путин дециден- нема да бидат нарушени билатералните односи иако оваа трагедија беше напад и на Русија и на руско-турските релации. Нагласи дека Анкара има голема улога во случувањата во Сирија.

Претседателските избори во Русија се закажани за 2018 година. На прашањето дали ќе се кандидира за четврти мандат, Путин изјави дека тоа ќе зависи од случувањата во светот и во неговата татковина.

Најдолгата конференција е одржана во 2008 година, кога Путин за четири часа и 40 минути одговори на повеќе од 70 прашања.

Маја Филдишев