Преведени богослужбени старословенски книги

26.12.2016 11:00

Промовирани книги, кои од црковен јазик беа преведени на современ македонски јазик и ставени во богослужбена употреба во македонските храмови. Со свечена литургија одбележан и јубилејот, триесет и пет години од хиротонисувањето на Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, господин Петар.

МПЦ оди чекор напред во активното проповедање на словото божјо и во унапредувањето на мисијата на нашата света црква. Во битолскиот храм „Св. Богородица“ промовирани 18 тома преводи на современ македонски јазик од старословенски на богослужбените книги– минеите преведени од проф. д-р Јован Таковски. Јазикот бил главниот клуч при проповедта на апостолите, во дејноста на Свети Климент, рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Настанот на кој присуствуваше најголем дел од синодот на МПЦ започна со утринска божествена литургија во чест на митроплолитот Петар кој одбележува 35 години владика на Препанско- пелагониската епархија. Вели дека добар дел од стажот му бил исполнат со искушенија, страдања и клевети, но сепак тоа го доживувал како свој крст даден преку божјата волја.

Денешните случувања само покажуваат дека нашата црква е жива која вложува многу во живото сведоштво на христијанското преданије, а за да тоа биде живо мора да биде блиску до народот и на разбирлив јазик рекоа носителите на последниот настан за годинава во рамките на одбележувањето 1.100 години од упокујувањето на Св. Климент Охридски.

 

Стевче Митревски