Охрид доби Музеј на охридските бисери на Филеви
Главниот македонски туристички центар доби Музеј на охридскиот бисер. Во бисерната соба во стариот дел на градот се сместени сите алатки што ги употребувале четирите генерации на семејството Филеви. Има и фотографии од мајсторите кои со вештите раце го изработувале, но и еминентни личности, кралици и принцези кои го носат охридскиот бисер.

Семејството Филеви, едно од наследниците на тајната на изработката на охридскиот бисер во новиот продажен салон отвори музејска поставка, односно бисерна соба каде што бројните посетители ќе имаат можност да се запознаат со процесот на изработка на бисерите. Со тоа Охрид доби уште една културна содржина во која е вградена скоро сто годишната традиција на ова семејство.
„Ова е еден нов модел, една нова димензија за презентирање на македонската култура преку охридскиот бисер, односно стариот бренд на семејството Филеви. Ова е еден момент каде што ќе ги презентираме тука сите алатки, сите еминентни луѓе кои не посетувале, со еден збор еден мал музеј“, изјави Михајло Филев, изработувач на бисери.
Прекрасните бисерни гердани охриѓанки секогаш ги носеле со гордост, но на нивната убавина не им одолеале и многу познати личности од светот.
„Тоа е стара охридска фамилија, ние се знаеме многу убаво. Го претставува не само Охрид, туку и Република Македонија, со која многу се гордееме. Како стара охриѓанка со гордост го имам носено и го имам и денес бисерот од пред 50 години“, вели Славјанка Арнаудова.
„Ние како деца одевме Коснозглобна, истававме школки и ги продававме на тие што правеа бисери“, се сеќава Јаким Каневче.
Филеви, охридски бисер изработуваат од 1928 година, а тајните и традицијата на овој занает од колено на колено ги пренесуваат четири генерации на ова семејство.
Сашо Нелоски
