Празнична потрошувачка треска, најмногу се троши на храна и пијалаци

26.12.2016 11:14

Потрошувачката значително се зголемува за време на празниците- покажува искуството од претходните години. Метеж низ продавниците. Се купуваат подароци за најблиските, но и греалки поради студеното време...

Раздвижено низ Скопје. Полни маркети, тровски центри. Празничната магија ја поттикна потрошувачката. Трговците со различни понуди и попусти се обидуваат да го привлечат вниманието на купувачите. Се празнат паричниците и кредитните картички. Се даваат пари повеќе од планираното. Подароци за најблиските мора да има, велат граѓаните.

Супермаркетите со празнични понуди. На една недела пред Новата Година најмногу се троши за храна и пијалаци. Телевизорите и паметните телефони најбарани во продавниците за техника. Во овој период од годината зголемена е потрошувачката и на грејните тела.

Искуствата покажуваат дека потрошувачката се зголемува пред празниците. Според статистичките податоци, секоја година, во декември, од платежните картички се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе споредбено со другите месеци.

Раст на прометот трговците очекуваат и во јануари, бидејќи тогаш почнува сезоната на попусти и празнење на продавниците.

Сунчица Николоска