По прегласувањето во Теарце, нема промена во распределбата на мандатите

26.12.2016 11:54

245 гласа за СДСМ и коалицијата, 149 за коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ова е епилогот по прегласувањето во едно избирачко место во општина Теарце, соопшти Државната изборна комисија. Нема промена во распределбата на мандатите од гласањето на 11-ти декември. За потврдените мандати уверенијата ќе бидат поделени в среда.

Ништо ново по прегласувањето во Теарце на избирачкото место 2011. ВМРО-ДПМНЕ останува со 51 освоени мандати, СДСМ со 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијансата на албанците освои 3 пратенички мандати и ДПА 2.

Излезноста на граѓаните на прегласувањето беше поголема за 4 проценти. Во освоени гласови, СДСМ освои 245, а ВМРО-ДПМНЕ 149 гласа, два освои Вмро за Македонија, а по еден глас ДПА, ДУИ и Алијансата. Со овие гласови генерално не се промени состојбата во 6-та изборна единица каде што ДУИ освои 6 мандати, ВМРО-ДПМНЕ 4, а СДСМ и БЕСА по 3, Алијанса за албанците и ДПА по два мандати.

Денот мина мирно во фер и демократска атмосфера, оцени Државната изборна комисија по затворањето на гласачкото место. На ваквата констатација не влијаеше техничкиот проблем со УВ ламбата која избирачкото место го затвори на 15 минути.

Течат роковите за приговори. Партиите по затворањето на избирачкото место имаат 24 часа да приговорат за текот на гласањето и за сумирањето на резултатите од избирачкото место.

 

Миле Ристески