Поштенски услуги: Брзината и квалитетот за фирмите задоволуваат, не и за граѓаните
Брзината и квалитетот на поштенските услуги за фирмите задоволуваат, но, не и за граѓаните. Над 90 проценти од рекламациите лани се однесуваат на загубени поратки. Агенцијата за пошти очекува институциите наскоро да го прифатат предлогот за зголемување на вредноста за прием на пакети од странство пратени преку интренет.

Брзината и квалитетот на услугите за бизнис- корисниците секогаш се на повисоко ниво, додека квалитетот на услугите за физичките лица не задоволува, покажало истражувањето нарачано од Агенцијата за пошти. И покрај влијанието на интернетот и дигиталните комуникации, сепак иднината на поштенските услуги е во приспособување кон современите потреби на корисниците.
„Ние имаме предлог на мерки кои што се однесуваат на зголемување на надлежностите и построга контрола од страна на другите институции со надлежност на поштенскиот пазар, како што се институциите и телата кои што се грижат за конкуренцијата и за пазарот, значи антимонополските тела, организацијата за заштита на потрошувачите.Така што квлаитетот на услугите во поштанскиот сообраќај за индивидуалните корисници зависи од синергијата на повеќе институции“, изјави Влатко Атанасоски, директор на Агенцијата за пошти.
Иницијативата на Агенцијата за пошти за зголемување на вредноста за бесцарински прием од странство на поштенски пратки за лична употреба, платени преку интернет, го чека конституирањето на новото Собрание и новата Влада, вели Атанасоски. Со тоа ќе се елиминира една сериозна бариера за развој на поштенскиот пазар во целина, затоа што иднината се гледа токму во доставата на пратки за лична употреба, купени преку интернет.
„За споредба ние во патничкиот сообраќај во Македонија можеме легално да увеземе стоки за лична потрошувачка, без да плаќаме царина и дополнителни увозни давачки, за стоки во денарска против вредност до 350 евра,а во поштенскиот сообраќај сме хендикепирани, тој износ изнесува само 45 евра“, вели Анатасоски.
Истражувањето покажало продолжување на трендот на намалување на бројот на поштенски пратки кај Македонска пошта, лани за нови 5,8%,додека обемот на испорачани пакети на слободниот пазар пораснал за дури 25%. Најголем број рекламации, дури 93% се однесувале за изгубени поштенски пратки. На Македонски пошти биле упатени 3.230 рекламации, а на компаниите од слободниот пазар 202.
Свето Николовски
