Почина Џорџ Мајкл, обожавателите и светските ѕвезди со пораки со сочувство

26.12.2016 15:42

Почина Џорџ Мајкл. Во 30-годишната кариера освои многу музички награди и продаде 100 милиони албуми. Обожавателите оставаат цвеќе пред неговиот дом, светските ѕвезди го преплавија Твитер со пораки со сочувство за прерано згаснатиот живот.

Во низата музичари кои годинава заминаа од овој свет влезе и Џорџ Мајкл, кој почина од срцев удар, и тоа на денот на католичкиот Божик којшто е опеан и во еден негов хит. Пред домот во Оксфордшир, обожавателите оставаат цвеќиња и пораки во кои му се заблагодаруваат за убавите мелодии кои им ги остави. Џорџ Мајкл имаше 53 години.

„Џорџ секогаш беше пријатен со соговорниците. Иако не беше многу често овде, имавме шанса да го видиме.“

Не го гледав често, беше затворен. Не ни знаевме кога е овде. Лани дојде на литургијата в црква, но не и годинава.“

„Брилијантен музичар. Љубезен човек. Бев на неговата последна турнеја. Неговата музика ги допре сите.“

„Растев со него. Родена сум во 1973 година. Многумина го сакаа и се надевам дека е на подобро место сега“, велат дел од обожавателите.

И Твитер е преплавен од лавина пораки со сочувство за прерано згаснатата ѕвезда. Актерката Елен Деџенерис напиша: „Штотуку слушнав за смртта на Мајкл. Брилијантен талент. Многу сум тажна“. Водителот Џејмс Корден напиша: „Отсекогаш го сакав Џорџ Мајкл. Ми беше неверојатна инспирација. Секогаш пред своето време“. „Не можам да поверувам. Неверојатен пејач и прекрасен човек, прерано не остави“, напиша музичарот Брајан Адамс. Политичарот Џереми Корбин рече: „Жал ми е што починал Џорџ Мајкл. Беше невиден уметник и голем поддржувач на ЛГБТ заедницата и работничките права.“

Роден е на 25 јуни 1963 година во Лондон. На музичката сцена се проби со групата „Вем“ во 80-тите години на минатиот век. И солистичка кариера му донесе успеси на глобално ниво и дуети со звучни имиња, како Елтон Џон и Арета Френклин. Има продадено околу 100 милиони албуми. Добитник е на две Греми награди, три британски и две американски музички награди, како и на 4 Ем-Ти-Ви видео музички награди.

Careless Whisper, Freedom!, Jesus to a Child, Amazing, Last Christmas, се само дел од мелодиите кои ќе се пеат со генерации. Планираше нов албум за идната пролет кога ќе биде промовиран и вториот биографски документарец за романтичарот за кого годинашниот Божик беше последен.

Маја Филдишев