Русија: Пронајден дел од авионот кој падна во Црно Море

26.12.2016 15:55

Причините за несреќата се непознати, но за сега е отфрлена теоријата дека станува збор за терористички напад. Во меѓувреме во Москва пристигнал првиот авион со телата на жртвите и почнала идентификацијата на загинатите.

Спасувачкиот тим на руското министерство за вонредни состојби соопшти дека биле пронајдени неколку парчиња од рускиот авион кој се урна во Црно Море со 92 патника и членови на екипажот. Авионот „Тупољев 154“ на Министерството за одбрана на Русија се урнал неполни 3 минути откако полетал од одмаралиштето во Сочи на пат кон Сирија. Причините за несреќата се непознати, но за сега е отфрлена теоријата дека станува збор за терористички напад. Во меѓувреме во Москва пристигнал првиот авион со телата на жртвите и почнала идентификацијата на загинатите.

„Од името на Владата на Руската федерација сакам да им изразам сочуство на семејствата и на пријателите на оние што загинаа и секако ќе им ја овозможиме потребната помош“, изјави премиерот на Русија, Дмитриј Медведев.

Рускиот претседател им изрази сочуство на семејствата на загинатите и го назначи премиерот Медведев на чело на државната комисија која ќе ја истражи несреќата. Истражните власти разгледуваат четири можни причини за несреќата, меѓу кои упад на туѓ предмет во моторот, лошиот квалитет на горивото што довело да намалување на моќноста, грешка на пилотите или пак дефект на леталото.

„Комитетот истражува различни теории. Се анализира цел спектар и секоја можна причина која можела да ја предизвика несреќата. Се уште е рано да се зборува за терористички напад“, вели министерот за сообраќај, Максим Соколов.

Во спасувачката акција учествуваат повеќе од 3.500 луѓе. Меѓу нив 150 нуркачи, 45 бродови и пет хеликоптери и беспилотни летала. Претходно во јавноста се појавија шпекулации дека на телата на дел од загинатите имало спасувачки елеци. Руското Министерство за одбрана ја демантираше информацијата. Со авионот патувал и воениот ансамбл „Александров“. Пејачот од хорот на руската војска се спасил во последен миг поради невалиден пасош којшто требал да се обнови уште во јули годинава.

 

Марина Автовска