Град Скопје

Градоначалниците разгледуваа мерки за намалување на загаденоста

26.12.2016 16:10

Пониски цени за парно, субвенции за греење на пелети, поволности за набавка на велосипеди- градоначалниците од Скопскиот регион разгледуваа мерки за намалување на загаденоста.

18 градоначалници од скопскиот регион бараа решение за загадениот воздух. Според нив, воздухот ќе биде почист ако се прошири топлификационата мрежа, ако се намали цената на парното греење за што ќе разговараат со компаниите, ако се субвенционира купување на пелети од општините, ако се забрани употреба на јаглен.

„Со формирањето на Владата под итно би требало да се објави новиот тендер за гасификација на Град Скопје, со оглед на тоа што пропадна претходниот тендер за гасификација на Скопскиот регион“, изјави градоаначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Купување на велосипеди од општините и изградба на велосипедски патеки се исто така дел од плановите со кои ќе се спречи загадувањето. Трајановски вели дека во моментот се врши интензивна контрола на објеки кои користат Б интегрирана дозвола како и на оние со елаборати за животна средина како пералници за коли, кафулиња, ресторани. Од министерството за животна средина се контролираат големите индустриски капацитети.

„Пар-непар воведува Министерството за животна средина, Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи. Тоа е регулирано со закон. Ние како Град Скопје минатата година побаравме, а овие денови ќе има Комитет за животна средина и ќе го отвориме и ова прашање“, нагласи градоначалникот Трајановски.

Трајановски најави дека по нова година градоначалниците ќе имаат нова средба на која ќе се разговара за проблемот со загадување на воздухот. Според последната студија која била направена најголем загадувач на воздухот се домаќинствата со 32%, сообраќајот со 20 %, градилиштата со 19 %.

 

Наташа Јанчиќ