Ќе се гради тениски спортски центар во Општина Аеродром

27.12.2016 13:23

Инвестицијата ќе се реализира преку јавно- приватно партнерство и ќе чини над 2 милиони евра.

Потпишан договор за изградба на тениски спортски центар во Општина Аеродром. Инвестицијата ќе се реализира преку јавно- приватно партнерство и ќе чини над 2 милиони евра.

Како што информираше градоначалникот на општината, Ивица Коневски, ќе бидат изградени четири тенески терени на тврда и исто толку на земјена подлога со современи материјали и други компатабилни содржини. Овој проект треба да се реализира во наредните три години, а ќе започне во почетокот на 2017 година. Проектот ќе биде изграден во близина на СЦ Јане Сандански.

Со изградбата на новите тениски игралишта ќе се подобрат условите за одржување спортски настани, велат од општината.

Според Коневски, приватниот партнер се обврзува бесплатно да организира два тениски турнира годишно „Аеродром опен“ за сите ученици во основните училишта на територијата на општината, како и еден ден во неделата бесплатно користење на терените за сите граѓани.

Министерот за финансии Кирил Миноски нагласи дека Министерството поддржува проекти како што е овој од јавно-приватно партнерство преку кој, како што рече, се постигнуваат повеќе цели.

Една цел е поттикнување на спортската вредност и култура, облагородување на просторот којшто во моментот не е уреден, а од друга страна се поттикнува локалниот елкономски развој кој што претставува основен интерсес на Министерството за финансии, истакна Миноски. Порача дека Министерството за финансии и во иднина ќе ги поддржуваат ваквите иницијативи кои се во интерсес на граѓаните.

Терените ќе бидат изградени според високи меѓународни стандарди, со цел тие да можат да се користат за организирање државни и меѓународни професионални натпревари.