Сезоната на грип подрани
За една недела, од грип се разболеле над 850 луѓе, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Бројот е над прагот од последните пет години што укажува дека сезоната на вирусот почнала пред очекуваното...

За една недела во земјава од грип се разболеле 853 луѓе, покажуваат податоците на Институт за јавно здравје. Бројот на заболени е над неделниот праг во последните пет години, што укажува дека сезоната на вирусот почнала 3-4 недели пред очекуваното. Раст на бројот на заболени од грип се очекува во наредените недели. Лекарска помош во доцните вечерни часови граѓаните бараат од службата за Итна медицинска помош.
„Бројот на интервенции ни е зголемен во однос на минатиот месец, за околу 20 до 25 проценти. Сигурно ова се должи на зголемените повици од граѓаните кои имаат вирусна или грипозна состојба. Оваа состојба најчесто се манифестира со покачена температура, која дури и со антипиретици се уште е висока. Се работи за состојба која оди со хиперпирексија, главоболка, болки во мускули, болки во зголобови, треска, нагони за повраќање и повраќање“, изајви д-р Василаки Карабашев од Итна медицинска помош.
Доктор Карабашев апелира до граѓаните кои се со температура и други симптоми на сезонскиот грип да не креваат паника и да не бараат лекарите од брза помош да одат кај нив дома, бидејќи со тоа се доведува во опасност животот на пациентите со многу посериозна здравствена состојба.
За една недела, за три пати е зголемен бројот на заболени од грип. Најмногу ги има во Тетово и Куманово.
Вкупниот број на заболени од грип се искачи на 2.096. Најголем број заболени се на возраст од 15 до 64 години, додека најчесто се разболуваат децата од 5 до 14 години. Најголемиот број од регистрирани случаи, или 1.393 се пријавени овој месец, додека во ноември се 25,4 отсто, а најмал процент во октомври.
Лани не се прогласи епидемија на ова сезонско заболување, лекарите се надеваат дека таа слика ќе се повтори и годинава. 26.607 граѓани досега се вакцинирани против сезонски грип.
Наташа Јанчиќ
