Конституирање на Собранието по извештајот на ДИК за изборите

27.12.2016 15:59

Овластените претставници на партиите кои освоија пратенички места утре ќе ги добијат уверенијата за мандатите. Државната изборна комисија до Собранието ќе го достави извештајот со резултатите.

Државната изборна комисија во среда до Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од предвремените парламентарни избори и освоените мандати, по што се очекува да биде одреден датумот на конституирањето на новиот состав на Парламентот. Овластените претставници на партиите и коалициите кои освоија пратенички места ќе ги добијат уверенијата за мандатите.

По прегласувањето на едно избирачко место во Теарце, партиите немаат поднесено приговор ниту за текот на гласањето ниту за сумирање на резултатите. Резултатот од 11-ти декември остана ист односно ВМРО-ДПМНЕ има вкупно 51 пратеничко место, СДСМ– 49 мандати, ДУИ– 10, движењето БЕСА– 5, Алијанса на албанците– 3 и ДПА– 2 мандати.

Новите народни избраници според Уставот ќе може да седнат во пратеничките фотељи на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Седницата ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, а доколку тоа не се случи во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието, дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Претседателот на државата е должен, во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на новата влада да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандаторот, пак, во рок од 20 дена, до Собранието поднесува програма и го предлага составот на Владата.

 

Миле Ристески