2017-та предизвик за бизнисмените

27.12.2016 16:11

Прилепското стопанство, велат бизнисмените, имаше пристојна деловна година, но 2017 ќе биде голем предизвик. Приоритетите наложуваат внимателно со ликвидноста, потрага по нови странски пазари и стабилна политичка клима.

Ликвидност, инвестиции, нови пазари и добра инфраструктура се приоритетите на прилепските стопанственици во новата 2017-та година. Велат, имавме пристојна деловна година, но ни треба стабилна бизнис клима.

Кај градежниците има работа, обемот се зголемил за 30 проценти. Но, бараат стручна работна рака.

„Подолго време ни се случуваат проблеми бидејќи не произведуваме соодветен кадар“, вели бизнисменот Гордан Бошкоски.

На извозниците Брегзитот им предизвика нагли приспособувања, но и домашната политичка клима. Најбитна е ликвидноста.

„Направивме одредени промени за разлика од претходната година, каде што имавме експанзивен раст, одржлив поради состојбите во Европа. Како работодавци треба да бидеме флексибилни, да ги предвидиме работите кои ќе се случуваат и да бидеме чекор понапред“, изјави Ирена Јакимоска, менаџер на компанија.

Текстилците сѐ уште работат, главно, по лон-систем. Нема големи нарушувања со странските партнери, а храбрите кои тргнаа со сопствено производство, внимаваат политиката да не ја турне потрошувачката на домашниот пазар.

„Очекувањата се да има постојана стабилност, бидејќи последниве години имаше некој редовен континуитет во работата“, вели Благоја Конески, Кластер на текстилни компании.

Најголемиот даночен обврзник во Пелагонискиот регион, „Прилепската пиварница“ со една милијарда денари давачки спрема државата, очекува нова инвестициска година, а главниот стремеж на големите компании се странските пазари.

„Оваа година затвораме еден циклус на инвестиции од 2 милиони евра, а наредната година планираме една поголена инвестиција од прилика 4 до 5 милиони евра“, вели Сашо Самарџиоски, менаџер.

За прилепските стопанственици подобрувањето на инфраструктурата ќе влијае на општите стопански текови во регионот.

 

Елизабета Митреска