Турција: Почна судењето на полицајците обвинети за вмешаност во обидот за пуч
По речиси половина година почна првото од серијалот судења за организаторите и реализаторите на неуспешното соборување на власта во Турција, во истанбулскиот суд се појавија 29 осомничени полициски офицери обвинети за неизвршување на наредбата за обезбедување на претседателот Ердоган на 15 јули годинава...

Турскиот Силиври суд, но и поширокиот реон во Истанбул се под целосна опсада на безбедносните сили. Жандармеријата спроведува целосна контрола на пунктовите, за да се оневозможат евентуалните терористички напади на приврзениците на ФЕТО, организацијата на пребегнатиот имам Фетула Ѓулен, велат турските власти. Обвинението е на 59 страници, а судијата Фикрет Демир најави собирање на доказниот материјал во наредните два дена, за потоа да следува сослушување на сведоците, најверојатно до петок.
На 21 обвинет им се заканува доживотен, а на преостанатите и до 15 години затвор. Во Турција од средината на јули годинава, досега се уапсени на 40 илјади лица што го оформуваат најсеопфатниот судски процес кога и да е воден во земјата.
Во ноќта меѓу 15 и 16 јули беше направен обидот за насилно менување на шефот на турската држава, за што властите во Анкара го обвинија Ѓулен, кој е во егзил во САД од 1999 и кој ги негираше наводите за пуч на властите.
Во апсењата низ Турција, беа приведувани и офицери на армијата, новинари и критичари на политиката на Ердоган, кој преку одлуки на Уставниот суд се обидува да ја зацврсти претседателската позиција. Но, бранот апсења во 80-милионската Турција и натаму не запира. Само во минатата недела се приведени 1.600 лица, меѓу нив и вработени на „Џумхуриет“, еден од последните опозициски весници.
Од 2014-та во Турција е зголемен бројот на судења за навреди против претседателот Ердоган, во земјата сега се водат 2 илјади процеси за што се добиваат и до 4 години затвор.
За политиката за заштита на човековите права, остри критики пристигаат од официјален Брисел, а Австрија веќе повика на запирање на преговорите за евроинтеграција на Турција.
Зоран Богатинов
