Можност за економски раст над очекуваниот

27.12.2016 16:40

И покрај тубуленциите на политичката сцена, бизнис заедницата во Македонија очекува економија годинава да ја заврши со раст од 2,5 проценти. Владините анализи говорат за просечната вредност во трите квартали од 2,7 насто. Повисоки се од проектираното.

Ревидираните податоци покажуваат дека македонската економија во трите квартали од 2016-та бележи раст во просек од 2,7% што е за 0,4 процентни поени подобро од ревидираните очекувања од 2,3 насто. Растот во првиот квартал изнесуваше 2,6%,во вториот достигна 3,1 а во третиот изнесуваше 2,4.

„Доаѓаме до еден раст кој е над тие проекции и покрај објективните пречки кои што ги имавме. Пред се не треба да го заборавиме негативното влијание што го имаше политичката криза врз Р.Македонија, што трае речиси две години“, изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.

Бизнис заедницата во почетокот на 2016-та очекување економски раст од 3,5%, но во мај предвидувањата беа ревидирани на 1,5 до 2%. Индустриското производство и извозот перманентно растат, а исто и потрошувачката во индустријата, што покажува еден позитивен тренд на македонското стопанство. Годината ќе ја завршиме позитивно иако под почетните предвидувања, велат од Сојузот на стопански комори.

„Гледаме дека сепак се остваруваат одредени позитивни резултати, посебно во првиот и во вториот квартал, така да годинава може да се заврши реално со раст на БДП од 2,5%“, смета Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори.

Генератори на извозот се традиционалните сектори: металниот, метало преработувачката индустрија, текстилот, земјоделството, производството на храна и пијалаци, но големо влијание имаат и директните странски инвестиции лоцирани во слободните економски зони. Следен чекор е посилното поврзување на домашните и на странските фирми во зоните, вели Алексов.

„За очекување е во почетната фаза соработката доминантно да биде во делот на услугите, но веќе почнува онаа втора фаза на соработката каде што и одредени домашни компании инвестираат во посовремена и нова технологија и опрема, за да можат да бидат добавувачи токму за одредени специфични производи на странските инвеститори. Во тој случај домашните компшании се решаваат да земат кредити, бидејќи во една таква конструкција купувачот е познат“, нагласува Алексов.

Државната статистика за десетте месеци покажа раст на извозот за 5,8%, а вкупната надворешно трговска размена надмина 9,5 милијарди американски долари.

 

Свето Николовски