Македонското радио слави 72, Македонската телевизија 52 години постоење

28.12.2016 12:49

Македонското радио слави 72 година постоење, Македонската телевизија 52. Продуцирани многу часови програма, забележани најважните моменти од македонската историја. Со дигитализацијата на Македонската телевизија и новата опрема, МТВ застана рамо до рамо до европските јавни сервиси. Од формирањето до денес, МРТ се соочи со сите големи предзвици. Новинари, уредници, сниматели, режисери кои својата кариера ја почнаа и ја завршија во оваа куќа се потсетуваат како го градеа професионализмот.

Откако зборува Радио Скопје пред 72 години, и емитува Македонската телевизија пред 52 години, во некогашната единствена национална телевизија, а сега јавен сервис на граѓаните, минаа речиси три генерации сниматели, тонци, реализатори и режисери, инженери, останат не помалку неопходен персонал, лектори, директори, новинари. Се менуваа разни начини на информирање, но во суштина преовлада објективното и навремено известување.

„Во Македонското радио се потребни повеќе луѓе, нови кадри, техниката е таа, знаете до каде е неговиот технолошки развој. Единствено да се засили сигналот и да оди како и до сега, на големи далечини, се со цел макеоднската вистина да биде презентирана пред целиот свет“, вели Лазе Билбиловски, новинар на Македонското радио- Радио Скопје.

„Кога се отвори МТВ, први кадри кои дојдоа тука беа од радиото. Јас бев во таа прва генерација на новинари кои прв пат се соочија со тој медиум, навистина беше предизвик да се работи бидејќи јас многу ја поврзував телевизијата со филмот“, се сеќава Димче Вељановски, поранешен уредник на информативната програма на МТВ.

„Ова е ден кога треба да си го поставиме прашањето како работиме и како ги остваруваме наштите работни обврски. Што се однесува до спортската програма сметам дека и натаму останува еден силен и стабилен програмски столб. Предизвиците и натаму следат“, вели Златко Калински, новинар- уредник во спортска редакција на МТВ.

Во модерните времиња, неумолива беше и преобразбата на јавниот сервис, од кој произлегоа повеќето сегашни комерцијални медиуми. Дигитализацијата на сигналот беше предуслов да се следи актуелната трансформација на медиумите во светот, а сѐ уште е во тек и префрлањето на аналогниот во дигитален сигнал на единствената и огромна документација на сервисот. Секако, модерните времиња налагаат и нови модерни програми.

„Она што не прави поблагородни и како новинари и како луѓе, е фактот што кога ќе ја погледнеме програмската шема на МТВ, ќе го видиме фактот дека таа навистина води многу грижа за луѓето кои се различни, за луѓето со инвалидитет, преку редовно изготвување на специјализираните емисии“, изјави Марија Башевска, новинар во образовна програма на МТВ.

„Токму од МРТ и од секторот за културно- уметничка програма, секогаш се иницирале одредени позитивни случувања, одредени исчекорувања напред, како што беше нашиот проек ’Сите наши песни’, за поддршка, афирмација и би рекла приближување на македонската забавна музика“, вели Каролина Петковска, уредник во забавна програма на МТВ.

„Документарната програма е колевка на историјата, а традицијата е визија, моќ и континуитет кој со години, сите овие децении ја следеа документарната програма. Плејада на важни личности сите овие години биле овековечени во нашата програма за да знаеме што било вчера, а што ќе биде утре“, вели Соња Јаќоска- Самарџиева, уредник на документарната програма во МТВ.

Македонската радио- телевизија низ сопствените сервиси емитува програма на различни јазици за дијаспората, а радиото дополнително на грчки и на бугарски јазик. Со тоа, јавниот сервис претставува редок феномен во регионот, но и во Европа, која што низ директивите на Унијата налага опстојување на оваа мултикултурна и мултијазична институција.

Секако, заштитата и негувањето на македонскиот јазик претставува приоритет во зачувувањето на државноста на Македонија, елемент што се проткајува низ повеќе од седум декади емитување програма на МРТ.

 

Зоран Богатинов