Проблем во закрилцата- причина за падот на рускиот авион
Проблем во закрилцата е причина за падот на рускиот авион Тупољев, покажаа податоците од црната кутија протолкувани од руските медиуми. Но, официјалните резултати се очекуваат од властите. Семејствата на жртвите ќе добијат паричен надомест и поддршка од властите во земјата. Потрагата по телата на загинатите продолжува. Досега се пронајдени само 17 од вкупно 92 жртви.

Снимките на една од црните кутии на рускиот авион кој се урна во Црно Море покажаа дека несинхронизирано отворање на закрилцата на леталото ја предизвикало несреќата во која загинаа 92 лица. Крајната дестинација на Тупољев ТУ-154 била Сирија, но се урнал само две минути откако полетал од рускиот град Сочи. Во него се превезувале новинари, воени лица и рускиот воен хор, ансамблот „Александров“.
Властите најавија паричен надомест и поддршка за семејствата на загинатите.
„Почнуваме со исплата на семејствата на жртвите. Не правиме разлика од цивилите и воените лица, па сите кои беа на авионот ќе добијат подеднаков паричен андомест. Ќе продолжиме да им помагаме на сите кои имаат потреба од поддршка, особено децата, сопругите, и нивните услови за живот“, изјави министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Досега се пронајдени само 17 тела. Во потрагата учествуваат 45 бродa, 15 подводни дронови, 192 нуркачи, 12 авиони и 5 хеликоптери. Авионот бил стар 33 години и авиокомпаниите одамна не го користеле, за разлика од армијата.
Истражителите од самиот старт го исклучија тероризмот како причина за падот и се фокусираа на дефект предизвикан од човечка немарност или технички проблем.
Маја Филдишев
