Објавен повик за купување дрва преку „Македонски шуми“ за 2017-та
Цената во складовите останува иста, 2.370 денари за метар кубен буково огревно дрво, а 2.450 денари за дабово. Има можност и за купо-продажни договори на шест рати.

Објавен е јавниот повик за купување огревно и техничко дрво преку Македонски шуми. Цената во складовите останува иста, 2.370 денари за метар кубен буково огревно дрво, а 2.450 денари за дабово. Има можност и за купо-продажни договори на шест рати.
„Имаат можност за склучување договор за купување во готово или на шест рати. Испораката на огревното дрво до домаќинствата ќе се врши исклучиво согласно датумот за целосната уплата на договирената количина“, информира денеска на прес-конференција Жарко Караџовски, директор на ЈП „Македонски шуми“.
Попуст од десет проценти доколку дрвата ги купат во готово и следната година ќе имаат ранливите категории (социјални случаи, лица со попреченост во развој, деца без родители, самохрани родители и стечајни работници), како и семејствата на бранителите и на работници кои останале инвалиди на труд или загинале на работа. Тие имаат опција и за купување на осум рати. За тие категории превозот на дрвата е бесплатен. Tреба да го докажат статусот со потврда од надлежна институција.
Рокот за аплицирање за физички лица е 31-ви март. Годинава биле испорачани 485 илјади метри кубни дрва.
